Линкови за пристапност

Клинтон незадоволна од израелската понуда за населбите


Американската државна секретарка Хилари Клинтон ја ублажи пофалбата за Израел, велејќи дека земјата прави позитивни чекори, но понудата за прекин на изградбата на еврејските населби, е под очекувањата на Вашингтон по ова прашање.

Клинтон ова го изјави во Мароко, неколку дена откако нејзините пофални зборови за Израел наидоа на негодување во арапскиот свет.

По разговорите со израелските и палестински лидери викендов, американската државна секретарка ги пофали, како што ги нарече отстапките „без преседан“ на Израел, за ограничување на проширувањето на еврејските населби во напор за обнова на мировните преговори.

Клинтон се согласи со израеелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, кој истакна дека Палестинците никогаш во минатото не побарале прекин на изградбата на населбите, како услов за продолжување на разговорите.

Коментарите беа причина за негодување од страна на палестинските лидери кои обвинија САД за обезвреднување на мировните напори.

Главниот палестински преговарач Саеб Ерекат во неделата повтори дека Палестинците нема да се вратат на преговарачката маса, се` додека Израел не ги прекине активностите за изградба на еврејски населби.

Јордан и Египет во неделата издадоа соопштенија во кои го поддржуваат палестинскиот став.

XS
SM
MD
LG