Линкови за пристапност

Халовин во САД - Празник со корени во келтските ритуали


Во САД на крајот на октомври домовите се декорираат како застрашувачки места. Се слави Халовин – Ноќта на вештерките. Штом ќе завладее темница, децата одат од куќа до куќа извикувајќи го познатиот слоган за луѓето да им дадат бонбони: „Trick or Treat!"

Празникот има корени во келтските ритуали за да се истераат духовите. Во САД првата прослава е забележана во 1921-ва година, во северната држава Минесота. Популарноста растела, и оваа година, според Националната трговска федерација, две третини од Американците планираат да го слават празникот. Тоа е далеку повеќе од минатата година кога само околу половина кажале дека ќе слават. Портпаролот на организацијата Елен Дејвис вели дека причина за тоа е што веќе не се работи за еднодневен празник. Таа вели дека ова станува едномесечна, па дури и сезонска прослава, и колку повеќе луѓе слават, толку повеќе бизнисите се прилагодуваат.

„Фармите Кокс" во Вирџинија се едно од местата каде стотици деца за празникот се возат на запрежни коли со сено, уживаат во игри поврзани со него, и, се разбира – ја избираат традиционалната тиква од која ќе направат страшило.

Годинава се очекува Американците да потрошат пет милијарди долари за Халовин - за две милијарди повеќе од лани. Што ќе се купи со тие пари? Костуми, слатки и украси. Дејвис вели дека Холивуд често влијае на изборот на костуми.

И Националната зоолошка градина во Вашингтон ќе го слави празникот. Продадени се 18 илјади билети за настанот каде децата не се единствените кои добиваат слатки.Животните таа вечер имаат специјални, халовински, десерти.
XS
SM
MD
LG