Линкови за пристапност

Тесна соработка на САД и ОБСЕ


Во организација на американската хелсиншката комисија во Конгресот се одржа распит за политиката на САД спрема Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), при што стана збор и за актуелните случувања на Балканот.

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Гордон, кажа дека на патот кон Европа, балканскиот регион напреднал изминатата година.

Тој смета дека само со заедничка работа со партнерите од ЕУ е можен прогрес. Тој притоа нагласи дека главен двигател на работите на Балканот е заедничката желба сите да бидат дел од ЕУ.

Зад таа идеја стои дури и Босна и Херцеговина, рече тој, и покрај етничката поделеност и несогласувања за неопходните уставни реформи.

Гордон се осврна и на одлуката на Европската комисија за укинување на визите за некои земји во регионот, вклучувајќи ја и Македонија, оценувајќи ја како поттик за продолжување на усогласувањето на домашните со законодавствата на унијата.

На распитот стана збор и за мисијата на ОБСЕ во Авганистан. Помошникот-американски секретар за одбрана Александар Вершбоу изрази благодарност за улогата на мисијата во изборите во оваа земја, особено во надгледувањето на вториот круг претседателски избори на 7-ми ноември. Тој пофално зборуваше и за напорите на организацијата во обуката на авганистанската армија и обезбедувањето на граничните премини со соседите.

На распитот беше најавена и посетата на државната сектетарка Хилари Клинтон на министерската средба на ОБСЕ во декември, во Атина.

Грција е актуелен претседавач со 56-те членки на ОБСЕ и на Самитот во декември, фокусот ќе биде подобрување на безбедноста, промовирањето на економската соработка и напредокот на демократијата и човековите права. Од јануари, претседавач со ОБСЕ ќе биде Казахстан.

XS
SM
MD
LG