Линкови за пристапност

Сашо Ќировски – фудбалски тренер на Универзитетот Мериленд 


„Мериленд Терапинс" се подгoтвуваат за утрешниот натпревар со долгогодишниот ривал, Универзитетот на Вирџиниjа. Ќе играат на гостински терен

Минатата сезона, оваа екипа на Универзитетот Мериленд беше национален шампион на универзитетско ниво, како и во 2005-та. Познавачите за голем успех ги сметаат не само шамипонските титули, туку и постојаноста на тимот. А таа, несомнено се должи на нивниот тренер Сашо Ќировски, кој ја води оваа екипа веќе 17 сезони. Неговата започнува во Вратница, Tетовско.

Помеѓу многуте овековечени сеќавања во неговата канцеларија, оваа црно-бела фотографија има посебно место. Зборува за детството во Македонија и упорноста да успее.

- Таму се роди мојата љубов кон фудбалот. Во тоа време во Вратница имаше само еден телевизор, и баравме начин да гледаме некој фудбалски натпревар, ама ја користевме и секоја шанса да го играме.

На 8-годишна возраст, со семејството се сели во Канада. Сашо расте во емигрантска средина која со себе ја донела и пасијата по фудбалот:

- Кога се преселивме во Виндзор Онтарио имаше голема емигрантска популација, Европејци - Македонци, Хрвати, Срби, Италијанци - тоа беше Европа во мало. Користев секоја шанса да играм.

За успех во фудбалот,како и се` во животот, неопходна е победничка култура, вели Ќировски:

- Бидејќи моите родители имаа само основно образование, тоа беше важно за мене. Студирав бизнис на Универзитетот на Милвоки. Моја визија беше да направам тим. Студирав да направам организација. Примерот на моето семејство ме научи што значи да се работи.

Во Америка има 3-4 спортови што доминираат, но не постои култура на само еден спорт, раскажува Ќировски.

- Гледам дека фудбалот си наоѓа место како еден од големите спортови во САД. Многу луѓе работат на тоа.

Сашо не пропушта шанса да гледа натпревар на македонската репрезантација. Не ги знае состојбите доволно, но:

- Навидум немаа доволно ресурси, пари или организација да соберат талентирани поединци и да направат добар тим. Ако поранешните југословенски републики можеа така, зошто не и Македонија?

Сашо Ќировски не сакаше да го прогнозира исходот на пријателскиот натпревар меѓу Македонија и Канада на 14 ноември. Но, како човек судбински поврзан со двете земји, а и како некој што живее од и за фудбалот, вели дека со интерес ќе го следи натпреварот.


XS
SM
MD
LG