Линкови за пристапност

Обама оддаде почит на војници загинати во Авганистан


Американскиот претседател Барак Обама во текот на ноќта отпатува за сојузната држава Делавер за да присуствува на враќањето на телата на 18 Американци кои загинаа неделава во Авганистан. Обама пристигна во воздухопловната база Довер нешто по полноќ, а се врати во Белата куќа пред зори четвртокот. Тој одржа приватни средби со семејствата на загинатите во капела во базата.

Телата на загинатите осуммина американски војници во серија бомбашки напади во Авганистан, на други седуммина војници и на тројца агенти на Управата за борба против дрогата, кои загинаа во уривање на армиски хеликопер, пристигнаа во Довер со армиски транспортен авион.

Во октомври во Авганистан загинаа најмалку 55 американски војници и друг персонал, со што стана најкрвавиот месец за САД од почетокот на инвазијата за смена на Талебан кон крајот на 2001-ва година.

Обама прави обемен преглед на новата стратегија во Авганистан што ја одобри во март, а што вклучи 21.000 дополнителни војници за борбени дејствија и обука. Со дополнителните сили, бројот на американски војници во САД би нараснал на 68.000.

Главниот американски командант во Авганистан, генералот Стенли Мекристал наводно побарал 40.000 дополнителни војници за се` пожестоката војна против Талебан и Ал-Каида.

XS
SM
MD
LG