Линкови за пристапност

Циампирис: Може да се тргне напред само без монополизирање на името


Ако спорот за името се реши со географска одредница, тоа значи дека никој нема право да бара монопол врз историјата на регионот, идентитетот, симболите.

Вака коментира професорот Аристотел Циампирис, кој во центарот Вудроу Вилсон во четвртокот говореше за новата грчка надворешна политика со доаѓањето на ПАСОК на власт.

Новиот премиер Јоргос Папандеу ќе се залага за влез на сите балкански земји во ЕУ до 2014-та, предвидува професорот Циампирис кој работи на Одделот за меѓународни и европски студии на Универзитетот во Пиреја.

„Со новата администрација во Грција ќе забележите поактивна надворешна политика на Западниот Балкан за евроатланска интеграција на регионот“, смета Циампирис.

За разликите околу името, професорот не гледа простор за поместување од грчка страна, иако Папандреу важи за умерен политичар. Едно сложено име со географска одредница за целосна меѓународна употреба би требало да биде продолжението на досегашната грчката политика, независно кој е премиер, смета тој. Средбата меѓу премиерите Груевски и Папандреу во Брисел за Циампирис е добар почеток, но тој е внимателен оптимист.

„Нешто што трае 18 години не може да се реши со една средба. Но, фактот дека двајцата премиери се среќаваат - и сигурен сум дека ќе бидат разменети погледи и идеи - е значајно и веројатно сме сведоци на нов обид за изнаоѓање решение за долготрајниот спор“, коментира Циампирис.

Грчкиот професор за Гласот на Америка вака го анализира проблемот со името: „Ако спорот се реши со име со географска одредница, тоа значи дека никој нема право да бара монопол врз историјата на регионот, идентитетот, симболите... Размислувањето е дека ако името е Северна Македонија – нешто што означува географија, но не идентитет или историја, тогаш никој не го монополизира името и она што доаѓа со него и сите тргнуваме напред“.

XS
SM
MD
LG