Линкови за пристапност

Клинтон во посета на Пакистан, го осуди најновиот напад


Американската државна секретарка Хилари Клинтон го осуди најновиот напад во Пакистан во средата, во кој загина најмалку 91 лице. Таа е во Исламабад со цел да ги зајакне билатералните односи.

Таа коментираше дека САД остануваат рамо до рамо со Пакистан во борбата против, како што ги нарече, „упорните и брутални“ екстремистички групи. Клинтон подвлече дека се наоѓа во Пакистан за да иницира свеж почеток во односите меѓу двете земји.

Американската државна секретарка вети нови, пошироки односи со Пакистан од потесната антитерористичка агенда од минатото. На почетокот на тридневните средби со виши пакистански лица, Клинтон рече дека иако борбата против тероризмот останува приоритет, Вашинтон истовремено е заинтересиран за подобрување на образованието и јакнење на демократијата и граѓанските институции во Пакистан.

Првата посета на Клинтон на Пакистан откако стапи на функцијата уследи откако Вашингтон одобри пакет помош за Пакистан од 7,5 милијарди долари што конкретно одвојува средства за изградба на граѓански институции.

Помошта наиде на критика меѓу дел од пакистанските политички групации, кои тврдат дека нејзините услови навлегуваат во пакистанскиот суверенитет.

Клинтон изјави дека односите меѓу двете земји во последните години оставиле лузна и дека е решена да ги подобри. Таа исто така ја пофали офанзивата на пакистанската армија во Јужен Вазиристан.

Во вторникот, армијата соопшти дека навлегла подлабоко регионот што е под контрола на Талебан, како и дека во неодамнешните борби убила 42 милитанти. Според армиски податоци, за кои нема независна потврда бидејќи на новинарите не им е дозволен пристап на бојното поле, од почетокот на операцијатана 17-ти октомври, загинале 239 милитанти и најмалку 31 војник. Армијата тврди дека околу 30.000 војници вршат операции против 10.000 милитанти и странски борци.

XS
SM
MD
LG