Линкови за пристапност

Клинтон во Пакистан со ветување за пошироки односи


Американската државна секретарка Хилари Клинтон пристигна во пакистанскиот главен град Исламабад со ветување за нови, пошироки односи со Пакистан од потесната антитерористичка агенда од минатото.

На почетокот на тридневните средби со виши пакистански лица, Клинтон рече дека иако борбата против тероризмот останува приоритет, Вашингтон истовремено е заинтересиран за подобрување на образованието и јакнење на демократијата и граѓанските институции во Пакистан.

Првата посета на Клинтон на Пакистан откако стапи на функцијата уследи откако Вашингтон одобри пакет помош за Пакистан од 7,5 милијарди долари што конкретно одвојува средба за изградба на граѓански институции.

Помошта наиде на критика меѓу дел од пакистанските политички групации, кои тврдат дека нејзините услови навлегуваат во пакистанскиот суверенитет.

Клинтон изјави дека односите меѓу двете земји во последните години оставиле лузна и дека е решена да ги подобри. Таа исто така ја пофали офанзивата на пакистанската армија во Јужен Вазиристан.

Во вторникот, армијата соопшти дека навлегла подлабоко во регионот што е под контрола на Талебан, како и дека во неодамнешните борби убила 42 милитанти. Според армиски податоци, за кои нема независна потврда бидејќи на новинарите не им е дозволен пристап на бојното поле, од почетокот на операцијата на 17-ти октомври, загинале 239 милитанти и најмалку 31 војник. Армијата тврди дека околу 30.000 војници вршат операции против 10.000 милитанти и странски борци.

XS
SM
MD
LG