Најмалку 91 лице загинало, а преку 200 се повредени во експлозија на автомобил-бомба во Пешавар, во немирниот северозападен дел на Пакистан. Според сведоци, експлозијата се случила на преполн пазар средата попладне, а жртвите во најголем дел се жени. Засега никој нема преземено одговорност за нападот.
Пешавар е град со најбројно население во пакистанската Северозападна Погранична Покраина и истовремено порта кон племенските области каде владее беззаконие и каде силите за безбедност во моментов водат борба против милитантите на Талебан.
Експлозијата се случила кусо време откако американската државна секретарка Хилари Клинтон пристигна во пакистанскиот главен град Исламабад, на тридневни средби со виши државни претставници.
Милитантите во Пакистан извршија серија напади врз армиски, владини и странски цели во последните неколку недели, при што загинаа 150 лица. Талебан презеде одговорност за најголем број на нападите.
Пакистанските власти велат дека нападите претставуваат одмазда за тековната армиска офанзива против упориштето на Талебан во племенскиот регион Јужен Вазиристан.