Во најновиот извештај за верските слободи во светот, Стејт департменот наведува дека тие во Македонија главно се почитуваат, но како проблем ја наведува бавната регистрација на верските групи.
Официјален Вашингтон смета дека регистрацијата, пропишана со законот што стапи во сила во 2008-ма, во пракса е неефикасна и ги попречува верските групи да добијат легален статус. Така, во периодот опфатен со извештајот, само две групи добиле дозвола, а 11 или се одбиени или чекаат на известување.
Американската влада тврди и дека државната поддршка за изградба на верски објекти ја фаворизира православната верска заедница, посочувајќи на иницијативата за изградба на црква на скопскиот плоштад Македонија.
Како отворени прашања се наведуваат и подигањето на цркви и џамии без градежна дозвола, а и барањата за враќање на верскиот имот.
Извештајот дава детали за судскиот процес против расчинетиот владика на Македонската православна црква Јован Вранишковски, како и тврдењето на членови на неговата верска група Православна охридска архиепископија дека биле следени или вознемирувани од владата поради верските убедувања.
Се` на се`, нема извештаи за верски затвореници или притвореници во Македонија, ниту пак за присилно менување на верата, заклучува Стејт департментот.
Во делот за позитивните развои на настаните се наведува подигањето на спомен-куќата на Мајка Тереза и изградбата на Меморијалниот центар за жртвите од Холокаустот во Скопје.