Линкови за пристапност

Лошото време одложи  лансирање на новата американска ракета


Американската вселенска агенција го одложи лансирањето на својата најнова ракета „Арис I-X" поради лоши временски услови. Претставници на НАСА во Вселенскиот центар Кенеди во Флорида велат дека повторно ќе се обидат во среда, кога времето треба да се подобри.

НАСА со лансирањето се обидува да собере информации за перформансот на ракетата преку 700 сензори инсталирани на неа. Летот ќе трае само две минути, пред таа да падне во Атлантскиот Океан.

Оваа ракета од новата генерација е модифицирана верзија на ракетите на тврдо гориво – носачи на спејс-шатл леталата и е дел од планот на НАСА за враќање на човекот на Месечината до 2020-та година, како и за транспортирање на екипажи до Меѓународната вселенска станица.

Лансирањето доаѓа во време кога постои сомневање за иднината на американските вселенски летови со човечки екипаж. Работна група на Белата куќа смета дека сегашниот годишен буџет на НАСА од 18 милијарди долари ги довел плановите на „неодржлив пат".

НАСА се надева дека првите мисии на човечки екипаж со Арис би се случиле до 2015-та, додека работната група смета дека тоа нема да биде можно се` до 2017-та. Спејс-шатл леталата треба да бидат повлечени и заменети со нови до 2010-та.

XS
SM
MD
LG