Американскиот претседател Барак Обама рече дека нема да брза со одлуката дали да испрати засилувања во Авганистан.
Осум недели откако главниот американски командант во Авганистан ја достави својата проценка на ситуацијата дека се потребни дополнителни 40.000 војници за армиските операции во земјата, некои од политичките опоненти на Обама велат дека тој мошне бавно го врши разгледувањето на ситуацијата.
Обама во говор во понеделникот пред американски војници рече дека нема да ги „втурне во опасност“ доколку тоа не е „апсолутно неопходно“ и додаде дека внимателно и сериозно ќе ја донесе одлуката.
Независно дали САД ќе испратат засилувања, војната во Авганистан го подели јавното мислење во САД.
Вашингтон Пост јави дека американски дипломат кој служел во Авганистан е првиот официјален претставник кој поднел оставка на функцијата во знак на протест поради осумгодишната војна. Метју Хо, кој бил највишиот американски цивил на функција во покраината Забул, инаку упориште на Талебан, дал оставка во септември бидејќи бил убеден дека војната го потхранува бунтовништвото, тврди весникот.