Линкови за пристапност

Етанол од шеќерот на презреаните лубеници


Одгледувачите велат дека 2009 важела за пристојна сезона за продажбата на лубениците. Купувачите летово можеа да уживаат во зрелото и сочно овошје, меѓутоа секоја година 20 проценти од лубениците не успеваат да се продадат.

Хемичарот Вејн Фиш го паркира својот камион пред лабараторијата на Американскиот оддел за земјоделство во Лејн, сојузната држава Оклахома. Таму на 130 хектари се одгледуваат различни житарки и зеленчук, а половина од земјиштето се користи за одгледување на лубеници. Работниците веќе ги пребрале најдобрите, а оние што се останати се со жолта боја на кората, со изменет облик или оштетени од животни или птици.

Научникот Фиш вели дека ваквите лубеници може да бидат од корист. „Од нив може да се добие етанол“, изјави тој.

Уште пред четири години, Националаната асоцијација за лубеници, почнала да го проучува потенцијалот за етанол од шеќерот во лубениците. Кога проектот дал поволни резултати, почнал и да се применува во научната лабараторија во Оклахома. Боб Морисеј е извршен директор на Националната асоцијација за лубеници.

„Доколку лубеницата ги има сите потребни компоненти, вода, шеќер и целулоза – од неа може да се добие етанол“, вели Морисеј.

Вејн Фиш и неговиот тим во научната лабараторија комбинираат квасец и шеќер добиен од презреаните или оштетени лубеници. Неколку часа подоцна, смесата се ферментира и се става во казан.

„Преку дестилирање на смесата, етанолот се издвојува со мала количина на вода и на тој начин ја збогатуваме оваа мешавина за да добиеме 95-процентен етанол“, вели Фиш.

Овој научник додава дека проектот не е обид да се замени шеќерната репка или пченката за добивање на етанол. Оваа пробна фаза на тестирање, всушност покажува дека неупотребените лубеници, може да придонесат за зголемување на количеството на етанол на пазарот.

Боб Морисеј од Националната асоцијација за лубеници, вели дека лубениците може да отворат сосема нов пазар за земјоделците. „Здравите лубеници може да се продаваат, а оштетените може да се пласираат на плантажите за производство на етанол“, смета тој.

Ширум САД постојат многу одгледувачи на лубеници кои стравуваат од загубите на нивните производи. Во меѓувреме, научниците велат дека етанолот добиен од ова овошје, привлекува големо внимание. Компанијата „Комон сенс агрикалчр“ со седиште во Тексас, во моментов работи на подвижен погон за процесирање на шеќерот од лубениците и добивање на етанол на самото место.

XS
SM
MD
LG