Повеќе од 42 бродови се фатени во австралиските води изминатата година, носејќи Авганистанци, Ирачани и жители од Шри Ланка.
Во една мала продавница во предградие во Сиднеј може да се чујат приказни од луѓе кои ги напуштиле домовите и се нашле во опасниот свет на трговците со луѓе. Хасан Аботбек го напуштил Ирак и допатувал во Австралија со брод пред повеќе од седум години. Ги покажува лузните од рани кои му ги нанеле војниците на Садам Хусеин:
„Ми го отстранија бубрегот. Имам седум истрели. Се обидов да побегнам, ме застрелаа во нога“, вели тој.
Сопственикот на продавницата се` уште има кошмари од периодот кога минал денови на рибарскиот брод од тиморското море во Индонезија до северните води на Австралија.
„Беше тешко и опасно. Не знаев кое време е и кој ден ќе умрам“, вели тој.
Откако бил прифатен од притворниот имиграционен центар на Аботбек му бил даден бегалски статус. Заедно со неговото семејство заминал за Австралија, откако на трговците со луѓе им дал мало богатство да ги пренесат со брод од Индонезија.
„Се решив на таков чекор затоа што немав друг избор“, вели тој преку преведувач.
Додека илјадници луѓе се надеваат, како Аботек, да најдат безбедно прибежиште во Австралија, прашањето со барањата за азил на лица кои илегално дошле во земјата е тешка тема.
Оваа година, има зголемен бран на илегални мигранти. Повеќе од 40 бродови беа пресретнати во обид да превезат илегалци во земјата. Владата вели дека зголемувањето е резултат на конфликтите во Шри Ланка, Ирак, Пакистан и Авганистан.
Но, опозицискиот лидер Малком Турнбул ја обвини владата на Лабуристите за губење на контролата врз државните граници поради релаксираната имиграциска политика:
„Ова е катастрофален неуспех на политиката на владата“, вели тој.
Во вжештената дебата, премиерот Кевин Руд вели дека неговиот пристап кои илегалците кои доаѓаат со бродови е хуман.
Австралија има долга историја на помагање на раселените од конфликти. Повеќе од половина милион бегалци беа примени во земјата во завршувањето на Втората светска војна. На повеќе од 10.000 лица годишно им се дава азил, откако аплицираат преку меѓународните агенции за бегалци во странство.
Но, немирите на расна основа пред четири години во Сиднеј ја покажаа грдата страна на австралискиот национализам. Активистите за заштита на човековите права стравуваат дека напорите на оние кои бараат азил може да потпалат негативни страсти кај противниците.
Многу азиланти се спремни да ризикуваат се` за шанса да почнат нов живот во Австралија.
И покрај актуелната дебата за азиланти кои доаѓаат со бродови, новите истражувања покажаа дека големото мнозинство на оние кои бараат статус на бегалци не пристигнуваат со бродови, туку со авиони.