Линкови за пристапност

Виш севернокорејски претставник во ретка посета на САД


Севернокорејскиот дипломат Ри Гун во петокот замина за САД. Тој се очекува да слета во Њујорк, а во понеделник ќе учествува на академскиот форум за безбедност во Азија, што се одржува на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего.

Ри Гун е вториот по ранг претставник на Северна Кореја во шестраните разговори чија цел е ставање крај на нуклеарната програма на Пјонгјанг. Неговата посета на САД ги разбуди очекувањата дека тој можеби и ќе се сретне со неговиот американски колега, Сунг Ким, за да ја постави основата за можното враќање на Северна Кореја на преговарачката маса.

Ли Ги-донг е виш научен соработник на Јужнокорејскиот институт за национална безбедносна стратегија. Тој вели дека средбата меѓу Ри Гун и Сунг Ким нуди шанса за „меѓусебно помирување“.

Тој изјави дека од посетата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон на Северна Кореја во август, се чини дека има одредено подобрување во тонот на односите меѓу САД и Северна Кореја. Ова патување практично на обете страни ќе им даде шанса да видат колкав е постигнатиот напредок.

Јун Дак-мин од Институтот за надворешна политика и национална безбедност со седиште во Сеул, е експерт по прашањата за Северна Кореја. Тој вели дека поголемиот дел од севернокорејскиот пристап кон САД се поврзува со целите на Ким Џонг Ил во однос на неговиот наследник.

Јун вели дека севернокорејскиот лидер се обидува „да го симне својот син безбедно од грбот на тигарот, без да биде изеден“, метафора што се однесува на очигледните планови на Ким Џонг Ил, еден ден функцијата да ја префрли на неговиот најмлад син.

Јун додава дека тигарот ја претставува моќта на севернокорејската армија. За транзицијата да мине лесно, Северна Кореја мора или да ги нормализира односите со САД, или да биде глобално прифатена како земја со нуклеарен арсенал.

САД велат дека никогаш нема да признаат постоење на Северна Кореја со нуклеарно оружје, а нормални дипломатски односи ќе следат само доколку Пјонгјанг се зафати со активностите за разоружување.

Во меѓувреме, неколку главни јужнокорејски новински агенции велат дека Северна и Јужна Кореја дискутираат за можноста за самит меѓу двајцата лидери на овие земји. Двата соседа и натаму технички се во војна, а нивните лидери се сретнаа само два пати, во 2000-та и 2007-та година. Според новинските извештаи, обете страни неодамна се сретнале во Сингапур, за да разговараат за можна трета средба.

Јужнокорејските претставници во Сеул одбиваат да ги потврдат или порекнат овие извештаи. Министерот за обединување, Хјун Ин-таек пред законодавците во петокот изјави дека каков било самит ќе зависи од неколку фактори.

Тој истакна дека шансите за самит зависат од напредокот на Северна Кореја по нуклеарното прашање, како и од односите меѓу обата соседа.

XS
SM
MD
LG