Линкови за пристапност

НАТО и предизвиците на 21-от век


Во сенатскaта комисија за надворешни работи на американскиот конгрес се одржа распит на кој беше заклучено дека концептот за трансатлантска безбедност треба да се промени за да одговори на предизвицит во 21-от век.

Фокусот на Алијансата денес е успешно справување со состојбата во Авганистан, особено спроти одржувањето на вториот круг претседателски избори, по контроверзниот прв круг во август, кога се појавија бројни неправилности, оцени поранешната државна американска секретарка Медлин Олбрајт.

Таа вака ја оцени улогата на НАТО во промовирање на безбедноста за локалното авганистанско население од нападите од Талебан: „Напорите резултираа со обука на попрофесионална авганстанска војска, но мисијата има проблеми со поделеноста во самата Алијанса и недостигот од поефикасна влада во Кабул“.

За Олбрајт најголема закана за НАТО во денешни услови е битката да се порази Ал-Каида. САД и НАТО се определени да ги обезбедат гласачките места на 7-ми ноември во Авганистан, додаде таа.

На распитот стана збор и за можноста за промена на начинот на донесување одлуки во самата Алијансата, затоа што заканите во 21-то век се различни од до сега познатите.

„Одеднаш НАТО се најде во позиција да брани население, не само територија. Но тука е и заканата од кибернетски тероризам, а сенаторот Лугар ја истакна опасноста и од заканите по енергетскиот систем“, рече Олбрајт.

Во рамки на НАТО постои нерамнотежа меѓу членки кои даваат многу и оние кои даваат малку, рече Олбрајт, поставувајќи го прашањето - Дали Америка може да издржи да биде локомотивата на Алијансата? Одговор се обиде да даде Курт Вокер, поранешен амбасадор на САД во НАТО:

„НАТО е во неволја. Се соочува со големи предизвици од внатре и од надвор. Сметам дека треба да се обнови политичкиот однос кон безбедноста меѓу Европа и Северна Америка. Цврстите врски од минатото бледнеат“.

На распитот во Сенатот, за прашањето за проширувањето на НАТО, демократскиот сенатор Бен Кардин потсети дека тоа е важно колку за самата Алијанса, толку и за САД. Но, членството во НАТО не е подарок, туку треба да се заслужи преку исполнувањето на неопходните критериуми, истакна поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт.

XS
SM
MD
LG