Линкови за пристапност

Твитер ќе стане глобален, вели директорот Еван Вилијамс


„Што правиш?“ - е прашањето на кое милиони луѓе во светот секојдневно одговараат користејќи ја најпопуларна блог-мрежа, Твитер. Еван Вилијамс, ко-основач и извршен директор на компанијата, верува дека Твитер ќе продолжи брзо да се развива со новите технолошки унапредувања.

Креирана пред само три ипол години, овој сервис за праќање куси пораки заживеа мошне брзо. Во моментов има околу 50 милиони корисници ширум светот, вклучувајќи се` поголем број новинари, професионални спортисти и политичари, па дури и американскиот претседател Барак Обама.

„Дефинитивно сакаме Твитер да биде присутен насекаде и сега се користи во 160 земји во светот. На Твитер воедно гледаме како на нешто глобално, зашто служи на глобални потреби“, вели Вилијамс.

Веб-страницата за микроблогирање станува се` попопуларна меѓу новинарите. Ја користат за промоција на своите извештаи, но и како средство за пребарување, за идентификување одредени трендови и за собирање извори на информации.

Главни настани, вклучувајќи ги терористичките напади во Мумбаи и демонстрациите во Иран ја тестираа вредноста на Твитер како извор на информации. Сепак, извршниот директор на компанијата признава дека треба да се обрне внимание на кредибилитетот и вредноста на информациите, кои честопати се објавувани од анонимни извори. Твитер работи на тоа да креира систем на репутација базиран на рангирање од страна на корисниците, вели тој.

Вилијамс истакна дека неговата компанија во моментов креира алатка која на корисниците ќе им овозможи да креираат категории за одредени теми, составени од релевантни корисници на мрежата, што потоа можат да бидат следени и од други заинтересирани лица. Секој на Твитер, може да креира листа на материјали на омилени новинари, на пример, што потоа би била достапна на другите корисници. Твитер работи и на подобрување на основните функции за пребарување, а планира и да ја претстави можноста географски да се лоцира изворот на твитер-пораката.

Во интервјуто за Гласот на Америка, Еван Вилијамс вели дека предноста на Твитер е способноста да понуди глобален извор на информации, за оние кои немаат пристап до Интернет. Демонстрациите по спорните избори во Иран во јуни, се најнов пример за примената на Твитер.

„Бевме изненадени од употребата на Твитер во Иран. Не бевме свесни дека толку се користи. Во моментов правиме многу, особено преку мобилната телефонија, да ги направиме нашите услуги достапни за остатокот од светот“, вели Вилијамс.

Со новите алатки и со се` поголемата примена, капиталот на Твитер се проценува на една милијарда долари. Но, компанијата со седиште во Сан Франциско треба допрва да регистрира профит. Некои експерти во индустријата и натаму се скептични за одржливоста на деловниот модел на Твитер, но Вилијамс верува во светлата иднина на компанијата.

„Можеби не сум објективен, но мислам дека Твитер ќе го има долго“, вели Вилијамс.

Вилијамс, кој е основач и на Блогер, популарниот интернет сервис за блогирање, сега во сопственост на Гугл, вели дека натамошното збогатување на Твитер со други елементи и функции само ќе допринесе за неговата финансиска одржливост на пазарот. Гугл и Мајкрософт веќе се во преговори со Твитер за договори за лиценци, вредни милиони долари, што ќе им овозможи да ги инкорпорираат овие производи на Твитер во нивните системи за пребарување.

XS
SM
MD
LG