Линкови за пристапност

Бајден ја пофали Романија за поддршката за новиот противракетен штит


Американскиот потпретседател Џо Бајден се сретна со романскиот претседател Трајан Башеску и му се заблагодари за поддршката за изменетиот систем за противракетна одбрана што Вашингтон го најави минатиот месец.

Бајден во Букурешт кажа дека од новиот систем корист ќе имаат и Романија, и САД. Тој ќе биде стациониран на воени бродови, а би можел да има и копнени елементи на полска територија.

Бајден му се заблагодари на Башеску за испраќањето на 1.000 војници како поддршка за операцијата на НАТО во Авганистан.

Претседателот Барак Обама минатиот месец се откажа од претходниот план на поранешниот претседател Џорџ Буш за распоредување на противракетен штит во Полска и Чешката Република и најави нов, променет систем на одбрана. Русија жестоко се противеше на планот на владата на Буш.

Еднодневната посета на Букурешт е дел од турнејата на Бајден по Полска, Романија и Чешката Република, со цел уверување дека американската заложба во регионот останува силна.

XS
SM
MD
LG