Линкови за пристапност

Смена на изборни претставници пред вториот круг во Авганистан


Обединетите нации планираат да сменат преку половина од главните официјални лица ангажирани во надгледувањето на оспорените претседателски избори во Авганистан, пред вториот круг закажан за 7-ми ноември. Истрагата открила дека 200 од 380 обласни изборни директори на гласањето одржано во август се вмешани во избирачки неправилности или измама, велат претставници на светската организација.

Масовната злоупотрба на гласови доведе до двомесечен политички ќорсокак, пред изборните власти да објават дека според коригираните резултати немало директен победник и е потребен втор круг на гласање.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и второпласираниот на изборите, поранешниот министер за надворешни работи Абдула Абдула се согласија со одлуката и рекоа дека се подготвени да се соочат на ново гласање.

Изборните лица се подготвуваат за логистички потешкотии во одржување на новото гласање за 18 дена, пред да завладее зимата и да ги отсече зафрлените краишта на земјата.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека одржувањето на изборите на кредибилен начин ќе биде „голем предизвик“.

Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс, кој е на турнеја низ Азија, ја поздрави одлуката за втор круг на избори, но подвлече дека авганистанската битка против корупцијата е поголема од одржување на само едни избори. Гејтс смета дека треба да се биде реален дека справувањето со проблемите на корупцијата и владеењето во Авганистан ќе претставува континуиран, развоен напор.

По вторничката најава дека ќе се одржи втор круг, медиумските извештаи наведуваат дека имало координиран меѓународен притисок да се убеди претседателот Хамид Карзаи да прифати дека приближно една третина од првично освоените гласови се неважечки поради измама. Според медиумските тврдења, американскиот сенатор Џон Кери, кој деновиве престојуваше во Авганистан, играл клучна улога на средбите со Карзаи.

XS
SM
MD
LG