Иако изградбата на нови домови во САД минатиот месец нараснала за половина процент, бројот на дозволи за градба паднал на најниско ниво во последниве пет месеци. Во градежната индустрија стравуваат дека откако месецов ќе заврши давањето на кредитот со даночни олеснувања за лицата кои по првпат купуваат куќа, ќе падне и продажбата на домови. Аналитичарите стравуваат и дека зголемената невработеност ќе доведе до тоа се` поголем број на веќе купени куќи да станат жртви на хипотека.
„Стапката на губење домови под хипотека во САД дневно е 10 илјади и не е веројатно наскоро да се промени на подобро“, вели Гај Секала, издавач на специјализираниот билтен „Инсајд моргиџ фајненс“ на оваа тема.
Владата на претседателот Барак Обама веќе одвои 75 милијарди долари за помош на лицата со ниски примања да ги мофицираат своите станбени кредити. Но, критичарите велат дека тоа не е доволно.
„Да не се залажуваме дека ова ќе им помогне на стотици илјади, и тоа брзо. Можеби на десетици илајди, и тоа споро“, коментира Питер Мориси, економист од Универзитетот во Мериленд.
Според аналитичарите, за да се квалификувате за кредитот, треба да покажете дека имате постојан приход, а тоа го немаат Пол Империјали и 15 милиони други невработени Американци.
„Оние кои ја направиле програмата не разбираат колку страдаат семејствата во земјава“, критикува Империјали.
Владата бара и други начини да го стабилизира пазарот на домување. Секретарот за домување Шон Донован на сенатско сведочење за 17-те милијарди долари потребни за продолжување на кредитот со даночни олеснувања за лицата кои по првпат купуваат куќа ги уверуваше присутните дека Владата во моментов работи со Конгресот за да изнајде најефикасни поттици за купувачите на домови, „внимавајќи притоа на нивните бенефиции, но и на колку тоа ќе ги чини даночните обврзници“.
Слабиот пазар на домување се одрази и на Вол стрит – Доу индустрискиот просек падна за половина процент откако претходно достигна највисоко ниво во рок од над една година.