Американските здравствени власти велат дека без оглед што свинскиот грип се проширил низ целата земја, владата е подготвена како никогаш досега да се справи со заболувањето во случај на епидемија.
Секретарката за здравство и здравствени услуги Катлин Сибелиус на сведочење во Сенатот рече дека случаите на грип годинава се пораширени и тешки. Неполн месец по почетокот на сезоната на грипот, веќе починале 86 деца од вирусот Х1Н1 на свинскиот грип, што е еднакво на бројот на детски смртни слуачи во текот на целата сезона изминативе години, рече Сибелиус.
Според првиот човек на американското здравство, позитивен момент е тоа што вирусот од април – наваму не варирал значајно, што значи дека вакцината создадена за борба против него се` уште е мошне ефикасна. Сибелиус кажа и дека проблемите што го забавија производството на вакцината се исправени, така што очекува до почетокот на ноември таа да биде достапна за сите во САД кои сакаат да ја примат.