Одлуката за демаркација на македонско-косовската граница донесена во Собранието за време на викендот продолжува да предизвикува реакции.
По политичките коментари, уследија протести на локалното население од косовско Дебалде. Жителите на оваа планинско село што се наоѓа на самата граница бараат областа Кодра Фура и 22 хектари земјиште, што со демаркацијата на границата и` припадна на Македонија, да му се вратат на Косово.
„Кодра Фура е сопственост на три семејства - Илјази, Аслани и Рамани и ние никогаш нема да ја дадеме. Хашим Тачи нека подари што сака, но ние нашата земја не ја даваме. Тие ниви ние ги имаме веќе 500 години, а Тачи им ги даде на Македонците. Сега не знаеме што да правиме. Или нека ни ја врати земјата, или ќе се иселиме“, велат жители на Дебалде.
Од македонска страна, реакциите се главно политички. Опозицијата ја оспорува одлуката донесена во Собранието, сметајќи дека се прави размена на територии меѓу Косово и Македонија.
„Ваква промена на границата може да се донесе само со двотретинско мнозиство во Парлементот. Носењето на ваква одлука без двотретинско мнозинство е повреда на членот 74 од Уставот на Република Македонија според кој значајна промена на границата се носи со двотретинско мнозинство. Во случајот е направена значајна промена на границата“, изјави Андреј Жерновски од опозиционата Либерално демократска партија, која најавува иницијатива за оспорување на одлуката на Собранието пред Уставиот суд.
Сличен став има и најголемата опозициона партија. Социјалдемократите тврдат дека процедурата е повредена. Водачот на СДСМ, Бранко Црвековски смета дека е направена повреда на Уставот и принципите на правната држава.
Премиерот Груевски го оквалификува ставот на опозијата како дневнополитички маркетинг и обид да се минимизира успехот на власта со добивањето на позитивно мислење од ЕК со препорака за почеток на преговори за членство.
„Македонија е држава од поранешна Југославија која единствена успеа да ги затвори сите гранични прашања“, вели премиерот Никола Груевски.
Експертската јавност главно позитивно ја оцени одлуката на Собранието по што уследи и воспоставување на дипломатски односи мегу Скопје и Приштина. Демаркацијата на границата, според стручњаците, е значаен придонес за стабилизација на регионот.
Одлуката за демаркација на косовско-македонската граница и воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Скопје и Приштина беше поздравена од ЕУ и САД.