Линкови за пристапност

Втор круг на гласање во Авганистан


Изборната комисија на Авганистан наложи да се одржи втор круг на претседателските избори на 7-ми ноември откако истрагата поддржана од ОН утврди голема измама во првиот круг на гласањето во август, со што пак беше поништена победата на претседателот Хамид Карзаи.

Карзаи веќе се согласи на втор круг гласање на кое противкандидат ќе му биде поранешниот министер за надворешни работи Абдула Абдула, кој во првиот круг заврши на второто место.

Изборните власти повикаа на втор круг откако Изборната комисија за поплаки, поддржана од ОН, спроведе истрага и отфрли една третина од гласовите за Карзаи поради лажирање. Со тоа тој не успеа да го обезбеди неопходното мнозинство за победа уште во првиот круг.

Карзаи на прес-конференција вторникот во Кабул рече дека вториот круг гласање претставува „чекор напред“ кон авганистанската демократија. Тој ги поттикна сонародниците повторно да гласаат и побара меѓународната заедница да го одржи ветувањето за безбеден втор круг, истакнувајќи дека „луѓето треба слободно да гласаат, без безбедносни закани“.

Американскиот претседател Барак Обама ја поздрави соработката на Карзаи во случајот како важен чекор напред кон обезбедување на кридибилен процес за авганистанскиот народ.

Генералниот секртар на ОН Бан Ки-мун кажа дека потегот на Карзаи ја покажува неговата заложба за авганистанскиот устав и демократските процеси.

XS
SM
MD
LG