Линкови за пристапност

Бомбаши-самоубијци нападнаа универзитет во Исламабад 


Двајца бомбаши-самоубијци активирале експлозив во универзитет во главниот град на Пакистан - најнов во серијата напади што се сметаат за одмазда за тековната армиска офанзива против милитантите на Талебан во Јужен Вазиристан.

Најмалку шест лица загинале, а 20-тина се повредени во нападот во Меѓународниот универзитет во Исламабад, соопштија пакистанските власти. Експлозиите се случиле во еден од факултетите и во женска кафетерија. На универзитетот студираат околу 12.000 студенти – половината жени.

Засега никој не презеде одговорност, но пакистанскиот министер за внатрешни работи реагираше на нападот со изјава дека трагата на сите терористички напади во земјата води во Јужен Вазиристан.

Многу училишта во Пакистан неделава не работат поради стравување од одмазднички напади поради офанзивата на пакистанската армија против милитантите на Талебан во Јужен Вазиристан.

Пакистанските сили веќе четврти ден водат битка против милитантите. Армиски лица тврдат дека само во борбите минатата ноќ биле убиени 20 милитанти, со што вкупниот број на загинати за кои се претпоставува дека се припадници на Талебан нарасна на речиси 100 од почетокот на операцијата во саботата.

Официјални лица велат дека армијата во вторникот се обидела да презеде контрола врз клучниот град Котаки. Армијата тврди дека копнените сили, поддржани од воздух, ги зазеле околните планински врвови, но грдаот се` уште не е под нејзина контрола.

XS
SM
MD
LG