Линкови за пристапност

Американски научник обвинет за обид за шпионажа


Американските федерални власти јавија дека уапсиле научник кој своевремено работел за владините Оддели за одбрана и енергетика и го обвинија за обид за шпионажа во корист на Израел.

Одделот за правда соопшти дека 52-годишниот Стјуарт Дејвид Нозети свесно и по своја волја се обидел да комуницира, достави и испрати доверливи информации до лице за кое верувал дека е израелски разузнувач. Обвинението, сепак, не наведува дека владата на Израел или кој и да е` кој дејствувал во нејзино име го прекршиле американскиот закон.

Истражителите тврдат дека Нозети на почетокот на септември примил повик од лице кое се преправало дека е израелски таен агент, а всушност бил таен агент на американското Федерално истражно биро. Властите велат дека Нозети и лицето се согласиле да се сретнат во хотел во Вашингтон, за да разговараат за подготвеноста на Нозети да соработува со израелското разузнавање. Тие наведуваат и дека Нозети рекол дека претходно имал дозвола за пристап до најдоверливи информации како и пристап до американски сателитски податоци. Нозети наводно понудил да одговори на прашања во замена за пари.

Научникот треба да се појави пред судија во вторник. Обвинието носи максимална казна доживотен затвор.

Според Одделот за правда, Нозети докторирал на планетарни науки на Технолошкиот институт во Масачусетс во 1983-та. Работел во Белата куќа во рамки на Националниот совет за вселенски истражувања во 1989-та и 1990-та, во администрацијата на тогашниот претседател Џорџ Х.В. Буш. Нозети работел и за НАСА.

XS
SM
MD
LG