Меѓународната невладина група Глобал витнес, со седиште во Лондон, вели дека светските залихи на нафта се намалуваат и дека тоа може да води до недостиг на храна и вооружени конфликти. Од групата додаваат дека владите не преземаат ништо за да се подготват за оваа потенцијална глобална катастрофа.
Директорот на Глобал витнес, Сајмон Тејлор вели дека крајот на ерата на нафтата, ќе значи и промена на животот како што до сега сме го знаеле.
„Нивото на производството на храна на планетава на еден или друг начин зависи од нафтата или од производството на нафтата, така што искрено ова директно влијае на начинот на кој функционира нашето општество“, вели Тејлор.
Меѓународната агенција за енергија, што ги советува владите за енергетската политика, процени дека конвенционалното производство на нафта до 2020 година ќе падне за речиси 50 проценти, а има потенцијал и за сериозен јаз меѓу понудата и побарувачката на нафта до 2015 година.
Организацијата предлага со зголемена потрошувачка да се премости тој јаз, но групата Глобал витнес вели дека поголемата потрошувачка нема да го реши проблемот.
Во извештајот насловен „Со глава во песок“ групата вели дека сериозно намалување во понудата комбинирано со зголемена побарувачка и помалку планирани нови проекти , значи дека светот мора да се „одлепи“ од нафтата.
Тејлор додава дека едно од најголемите стравувања во моментов е што недостатокот на нафта ќе води до зголемено насилство и корупција во земјите снабдувачи со нафта. Овој експерт вели дека сиромашните земји се изложени на најголем ризик.
„Оние кои нема да платат, едноставно ќе бидат истиснати од пазарот. Се поставува прашањето како би прехраниле град како Најроби или други големи градови со очајно сиромашни луѓе, каде храната едноставно нема да може да биде доставена до градовите кои немаат пристап до дизел, на пример“, истакнува Тејлор.
Тој додава дека владите ширум светот треба да почнат да инвестираат во безбедни и одржливи енергетски алтернативи.
„Најпрво владите треба да согледаат дека имаме проблем, а потоа е потребна итна дискусија за чекорите што треба да бидат преземени“, вели Тејлор.
Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергија предвидува дека до 2015 година дневно меѓу залихите и побарувачката можно е да има јаз од околу седум милијарди барели. Ова може да биде еквивалентно на речиси 40 проценти на проектираната побарувачка на нафта во САД.