Членови на меѓуверска заедница викендов во Вашингтон се собраа на традиционалната „Прошетка за обединетост“ - годишен настан што ја промовира толеранцијата. Стотици луѓе од различни вери посетија верски храмови долж Авенијата Масачусетс, со цел да научат за другите вери покрај сопствената.
Еврејската синагога во Вашингтон беше домаќин на жива музичка изведба и танцови од различни вери на почетокот на петтата годишна „Прошетка за обединетост“. Според организаторите, 350-тина лица се собрале да го слушнат настапот на мултикултурната музичка група. Еврејски, муслимани и христијански лидери ги повикаа присутните да научат нешто повеќе за верата на другиот, на човекот покрај вас.
„Тој е имам, јас рабин. Двајцата едноставно сме учители, стоејќи понизно пред Бога. Се надевам дека навистина ќе успееме да осознаеме колку сме силни кога работиме заедно“, рече Брус Лустиг, споменувајќи свој добар пријател од друга вера .
Годинава учесниците по првпат имаа можност да посетат повеќе храмови долж Авенијата Масачусетс. Лани само Синагогата и Исламскиот центар во Вашингтон ги отворија вратите. Овојпат тоа го сторија и храмовите на сиките и будистите и православниот храм „Свети Никола“.
Меѓуверските организации и приврзаници го основаа „Пешачењето за обединетост“ како начин за справување со верската нетолерантност по терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва.
„Како и во многу други тешки фази од нашата историја, целта е да го искористите тој момент и да направите пресврт, за да тргнат работите напред. А, кога со свои очи ќе се уверите дека се појавила соработка и заеднички цели меѓу луѓето, тогаш не можете а да не заклучите дека нешто позитивно произлегло од една таква трагедија“, коментира Вилијам Дејвис, директор на Информативната служба на ОН во Вашингтон.
Претседателот на Вашингтонскиот храм на сиките потсети дека тие биле мета на непријателски изливи во САД по 11-ти септември 2001-ва, само поради тоа што носат чалми. Но, Сатвант Каур Бел смета дека „Прошетката за обединетост“ помогнала да се разбијат стереотипите за религијата на сиките.
„Луѓето секогаш се љубопитни – што се случува зад тие затворени врати? Кога ќе дојдете и ќе научите за верата, осознавате дека и другите се исти како вас“, раскажува Бел.
Организаторите велат дека една од целите на прошетката е и членови од различни вери да се обединат во локалните проекти за чистење на околината и помош на сиромашните.
Стујарт Ливи е соосновач на Маслиново гранче Вашингтон, невладина и меѓуверска организација во која членуваат млади Евреи и муслимани.
„Таа е иста како и `Прошетката за обединетост` - доближува разни групи, дава можност секој во нив да ги поттикне членовите на поголемо учество во меѓуверските напори“, вели Ливи.
Ливи и другиот соосновач, Минха Каусер, неодамна присуствувале на Ифтар – вечера на која Евреите во Вашингтон им се придружиле на муслиманите во прославувањето на крајот на светиот месец Рамазан. Тие велат дека планираат и други настани за промоција на толеранцијата меѓу младите Евреи и муслимани.