Линкови за пристапност

Пакистан продолжува со офанзивата во Јужен Вазиристан


Пакистанската армија тврди дека опколила упориште на Талебан на третиот ден од офанзивата во племенскиот предел Јужен Вазиристан.

Армискиот портпарол Атар Абас во понеделникот соопшти дека копнени сили, поддржани од воздух, презеле контрола над клучните планински врвови околу градот Котаки. Нема независна потврда на оваа информација, поради тоа што армијата ги блокираше приодите во Јужен Вазиристан.

Сведоци велат дека 100.000 цивили побегнале од регионот пред офанзивата, како и дека илјадници други го сотриле истото во минатите три дена. Егзодусот роди загриженост за хуманитарна криза воочи обилните врнежи од снег во претстојните зимски месеци.

Според пакистанската армија, околу 30 илјади војници се борат против 10 илјади милитанти, меѓу кои има странски борци. Властите ги обвинуваат екстремистите за серијата напади ширум земјата во кои загинаа над 175 лица во последните две недели.

Американскиот сенатор Џон Кери и американскиот командант, генералот Дејвид Петреус во понеделникот во Исламабад се сретнаа со виши пакистански цивилни и армиски претставници.

Кери требаше да разговара за одредбата од 7,5 милијарди долари што тројно ја зголемува американската неармиска помош за Пакистан. Пакистански генерали и некои политичари изразија загриженост за делови на одредбата, велејќи дека таа го поткопува пакистанскиот национален суверенитет.

Таканаречената одредба Кери-Лугар налага американскиот државен секретар периодично да потврдува дали пакистанската цивилна влада има контрола над армијата. Таа исто така наведува дека Пакистан мора да покаже напредок во запирање на поддршката за терористички групи и растурање на радикалните фракции стационирани во земјата.

XS
SM
MD
LG