Линкови за пристапност

Поништени изборните резултати во Авганистан на 210 гласачки места


Авганистанската Изборна комисија за поплаки и` наложи на Независната изборна комисија да ги поништи резултатите од 210 изборни места во земјата, со тоа навидум порекнувајќи ја победата на претседателот Хамид Карзаи уште во првиот круг .

Комисијата, која работи со поддршка на ОН, во извештајот објавен во понеделникот наведува дека биле пронајдени „јасни и убедливи докази за измама“ на гласачките места. Како примери наведува „униформни белези“ на 100 проценти од гласовите собрани на некои гласачки места, потоа исчезнат изборен материјал, и, во еден случај, изборен формулар што бил „изменет за да се додадат 300 гласови на него“.

Според прелиминарните резултати од изборите на 20-ти август, Карзаи водеше со 54 проценти од вкупниот број на гласови, а неговиот главен ривал, поранешниот министер за надворешни работи, Абдула Абдула имаше освоено 28 проценти.

Странски набљудувачи велат дека најмалку едно на секои три гласачки ливчиња било сомнително, а се верува и дека поголемиот број спорни гласови се во полза на Карзаи.

Организацијата Демокраси интернешал со седиште во САД, која се бави со набљудување на избори, според сопствената анализа предвидува дека учинокот на Карзаи паднал под потребните 50 проценти за директна победа во првиот круг. Според организацијата, Карзаи освоил 48.3 проценти.

Американски официјални лица во неделата најавија дека претседателот Барак Обама нема да одлучи дали да испрати дополнителни сили во Авганистан се` додека не се реши прашањето околу изборите и авганистанската влада не биде подготвена за ефикасна соработка со САД.

XS
SM
MD
LG