Ирански претставник соопшти дека Техеран нема да се откаже од процесот на збогатување на ураниум, без оглед на исходот од нуклеарните разговори со светските сили. Портпаролот на иранската Агенција за атомска енергија Али Ширзадијан ова го изјави за државната новинска агенција ИРНА, само неколку часа пред продолжувањето на разговорите во Виена за контроверзната иранска нуклеарна програма.
Се очекува на средбата меѓу претставници на Иран, Русија, Франција, САД и Меѓународната агенција за атомска енергија да доминира предлогот Иран да испраќа ураниум во Русија и Франција и таму да се врши негова преработка во гориво за нуклеарни реактори.
Ширзадијан најави дека Иран самиот ќе продолжи со збогатување на ураниум на пониско ниво, дури и земјата да се согласи да прифати збогатен ураниум од Русија и Франција.
Западните дипломати го сметаат збогатувањето на ирански ураниум во други земји за мерка за градење на доверба, бидејќи би обезбедило нивото да остане на количини соодветни за мирднодопски услови, односно под нивото потребно за производство на нуклеарно оружје.