Република Македонија ноќеска воспостави дипломатски односи со Косово, објави во неделата македонското Министерство за надворешни работи.
„Во документот што во Скопје го потпиша министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски, а неколку часа подоцна во Приштина и неговиот косовски колега, Скендер Хисени, се наведува дека двете страни се заложуваат за зајакнување на пријателските врски врз основа на меѓусебно почитување на националниот суверенитет, независноста и територијалниот интегритет“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија и Косово воспоставија официјални односи откако во саботата парламентите на двете држави ја ратификуваа Спогодбата за демаркација на границата. Со договорот се решија досега спорните делови на границата долга 260 километри. Македонија ќе добие 160 метри повеќе кај местото Луково Поле на Шар Планина, а Косово ќе добие околу 155 метри кај Дебалде, во близина на Кодра Фура.
Пред ратификацијата на овој докумет во Собранието се одржа огнена дебата. Опозицијата обвини дека наместо обележување, се прави промена на границата и најави и оспорување на законот пред Уставен суд.
„Со Анексот што го правиме, вие за првпат ја менувате граничната линија и границата што постоела децении наназад меѓу Македонија и Косово. Тоа не може да го направите во оваа процедура, како што било направено во 2001-та, затоа што се ратификувал само договор кој не значел и промена на границите повеќе од договорените 150 метри“, кажа Владо Бучковски од СДСМ.
Премиерот Груевски ги отфрли обвинувањата и коментираше дека нападите на опозицијата биле за собирање на политички поени.
„Нема никаква причина за било какво стравување, затоа што со овој договор државата не губи ниту милиметар. Јас сакам да ве убедам дека никогаш и по никоја цена не би потпишал нешто со коешто би изгубиле еден милиметар, а камо ли нешто повеќе од територијата на РМ“, изјави премиерот Груевски.
Меѓународната заедница го оцени договорот меѓу Скопје и Приштина како крупен чекор за стабилноста на регионот. За амбасадорите на САД, на ЕУ и на Шведска, кои на почетокот на расправата беа присутни во Собранието, демаркација на границата е смел и одговорен потег.
„Владата на САД и нејзината амбасада им честитаат на двете влади за постигнување на договорот за демаркација на границата. Тоа покажува голема одговорност, лидерство и мудрост ова прашање да се реши на многу зрел начин“, изјави Филип Рикер, амбасадор на САД во Македонија.