Американскиот владин Оддел за правда во понеделникот објави нови упатства што ја појаснуваат позицијата на владата на претседателот Барак Обама во однос на употебата на марихуаната за медицински цели. Одделот соопшти дека федералните обвинители во сојузните држави што дозволуваат таква употреба не треба да апсат лица кои уживаат марихуана од таа причина, ниту пак нивните снабдувачи.
Упатствата ги советуваат федералните агенти да ги апсат само оние лица чија употреба или дистрибуција на марихуана го надминува дозволеното со законите на сојузните држави. 14 сојузни држави дозволуваат извесна употреба за медицински цели.
Одделот за правда напоменува и дека не треба да биде приоритет да се користат федерални средства за кривичен прогон на заболени лица или давачи на здравствена услуга кои се придржуваат до законите на сојузните држави. Истовремено, Одделот напоменува дека ќе продолжи да се бори против сериозната трговија на сите незаконски видови на дрога, вклучително и марихуаната.
Упатствата претставуваат отклон од оние што ги објави владата на претходниот претседател Џорџ В. Буш, а што налагаа спроведување на федералните закони против марихуанта, без оглед на законите на сојузните држави.