Линкови за пристапност

Иранскиот врховен водач вети одмазда за бомбашкиот напад


Иранскиот врховен водач Али Каменеи најави дека ќе ги казни одговорните за нападот на бомбаш-самоубиец во кој загинаа 42 лица, меѓу кои и шест команданти на Иранската револуционерна гарда.

Иранските новински агенции го цитираат Камени дека за нападот во неделата се одговорни платеници на „глобалната ароганција“ - термин што го користи во опишување на САД.

Иранските медиуми го пренесуваат и првиот човек на Иранската револуционерна гарда Мухамед Али Џафари кој вети дека „ќе се одмазди“ на американските и британските разузнавачки агенции, за кои рече дека му помогнале на напаѓачот.

Сунитската милитантна група Џандала презеде одговорност за експлозијата во изјава објавена на Интернет во понеделникот. Бомбашот-самоубиец активирал експлозив за време на средба на претставници на Револуционерната гарда со шиитски и сунитски племенски водачи во градот Пишин, близу границата со Пакистан.

Џафари ги обвини и пакистанските разузнавачи за поврзаност со Џандала. Владите на Пакистан, САД и Британија ги осудија нападите и порекнаа секаква вмешаност.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун исто така го осуди нападот во изјава во понеделникот, нарекувајќи го терористички напад и изрази сочувство до семејствата на загинатите.

XS
SM
MD
LG