И покрај знаците дека американската економија е на пат да се опорави, последиците од глобалната финансиска криза и натаму ги погаѓаат некои од најголемите компании во земјата.
Бенк оф Америка, најголемата приватна банка во САД, во петокот соопшти дека во периодот јули-септември загубила над две милијарди долари. Надлежните велат дека голем дел од загубата се должи на зголемениот број приватни лица и компании кои не вршат навремена исплата на кредитите.
Неисплаќањето на кредитите негативно се одразило и на Џенерал електрик - една од најголемите и најразновидни компании во светот. Џенерал електрик во петокот соопшти дека во одделот за финансии е регистриран пад на профитот за 87 проценти, што пак негативно се одразило на вкупната заработувачка со преку 40 проценти. Компанијата е активна на повеќе полиња, од нудење на заеми, па се` до производство на локомотиви, авионски мотори и енергетска опрема.
Сепак, извршниот директор на Џенерал електрик се надева дека ситуацијата полека ќе почне да се подобрува со опоравувањето на глобалната економија.