Судот во западниот кинески регион Ксинџијанг им изрече смртна казна на уште шест лица за вмешаност во крвавите етнички нереди во јули што однесоа 200 човечки животи.
Според нивните имиња, петмина од осудените се членови на малцинската група составена главно од муслимани - Ујгурци. Шестиот осуден, Хан Џанбо, најверојатно припаѓа на кинеската доминантна етничка група Хан. Тој е осуден поради тоа што претепал Ујгурец до смрт и повредил друго лице. Соучесникот Ли Бо доби 10 години затвор.
Насилството во Кина од јули годинава, кога се судрија Ујгурци и Хан - Кинези, е еден од најтешките инциденти во земјата изминативе неколку децении. Во немирите беа повредени преку 1.600 лица.
Покрај шесте смртни казни изречени во четвртокот, претходно беа осудени тројца Ујгурци на доживотен затвор. Од понеделникот, Кина изрече пресуди против вкупно 21 лице за злосторства во нередите - од убиство и подметнување на пожар, па се` до грабеж и уништување на сопственост.