Линкови за пристапност

Најмалку 38 мртви во Пакистан


Милитанти во Пакистан убиле најмалку 38 лица во координирани напади во градот Лахор и немирниот северозападен дел на Пакистан.

Во Лахор била нападната Федералната агенција за истраги како и два центри за полициска обука, при што загинале 28 лица. Се` уште не е познато колку милитанти учествувале во нападите за кои пакистанските власти го обвинуваат Талебан. Сведоци велат дека некои од напаѓачите биле тинејџери кои или биле застрелани, или пак го активирале експлозивот што го носеле на себе откако биле ранети.

Во експлозија на автомобил-бомба во градот Кохат била уништена полициска станица, при што загинале 11 лица. Неколку часа подоцна, во Пешавар експлодирала бомба во населба каде живееле вработени во владата. Според медиумските извештаи, загинало и едно дете.

Најголем дел од загинатите во нападите навидум се полицајци.

Во последните неколку дена, пакистанскиот Талебан изврши четири позабележителни терористички напади во кои загинаа над 100 лица.

Пакистанскиот министер за внатрешни работи Реман Малик кажа дека порастот на насилството претставува „герилска војна“.

Водачите на Талебан претходно се заканија дека ќе напаѓаат владини цели воочи очекуваната армиска офанзива во Јужен Вазиристан.

XS
SM
MD
LG