Линкови за пристапност

Најмалку 32-ца мртви во напади во Пакистан


Најмалку 32 лица загинаа во четири напади врз полициски објекти во источниот и северозападен дел на Пакистан, соопштија властите во оваа земја.

Во источниот град Лахор, напаѓачи отвориле оган врз објект на Федералната агенција за истраги која се бави со прашања поврзани со имиграција и тероризам. Во нападот загинале четири полицајци и едно друго лице. Полицијата возвратила на нападот и убила еден напаѓач, а еден уапсила. Биле нападнати и два полициски центри во предградија на Лахоре. Во едниот, во населбата Манава, загинале 10 лица, од кои шест полицајци. Во другиот, во областа Бедијан, напаѓачите се прекачиле преку ѕид и влегле во Центарот за обука на елитни сили. Петмина напаѓачи загинале.

Полицијата вели дека има контрола врз сите нападнати објекти.

Во северозападниот дел на Пакистан, близу Пешавар, напаѓач-самоубиец активирал автомобил-бомба пред полициска станица, при што убил 11 лица, меѓу кои има деца и полицајци. Друга експлозија се случила во училиште во Пешавар, но засега нема детали.

Во последните неколку дена, милитанти извршија четири позабележителни терористички напади во кои загинаа над 100 лица.

Досега никој не презеде одговорност за најновите напади, но Талебан во Пакистан претходно се закани дека ќе напаѓа армиски и владини цели ширум земјата.

Пакистански разузнавачки претставници во четвртокот соопштија дека во напад на, како што се претпоставува, американско беспилотно летало во племенскиот регион Северен Вазиристан, што се граничи со Авганистан, загинале најмалку четворица милитанти.

XS
SM
MD
LG