Линкови за пристапност

Нова направа за рано откривање на рак на дојка 


Експертите велат дека жените кои се изложени на ризик да заболат од рак на дојка, во ткивото на дојката имаат ниво на хормонот естроген што е за 20 пати повисоко од нормалното.

Во моментов единствениот начин да се одреди зголемено ниво на естроген е преку инвазивно отстранување на дел од ткивото со цел да се изврши лабараториска анализа. Но, научниците велат дека експериментална, мала направа, наречена „лабораторија на чип“, може да го мери нивото на естроген преку капка крв или мала честичка од ткивото на градата. Чипот може да го мери нивото на хормоните во провидната меѓупросторна течност која се наоѓа под кожата. Инструментот е голем колку дланка и користи нова технологија при што минијатурните капки од течноста по електричен пат доаѓаат до микрочипот.

Арон Вилер од Универзитетот на Торонто ја предводи студијата во лабараторија која ги врши ваквите испитувања. Тој вели дека постапката е забавна за набљудување:

„Капките може да се направат да танцуваат на површината на микрочипот. Тие се движат, можат да се спојуваат и да се мешаат, што ни овозможува да изведуваме комплицирани лабараториски постапки на екстремно мали примероци“, вели Вилер.

Научниците додаваат дека додека се движат низ микрочипот, примероците практично се прочистуваат со помош на реагенси кои по хемиски пат се спојуваат со течноста и го одвојуваат хормонот за анализа.

Експертите нагласуваат дека оваа експериментална направа не ја дијагностицира појавата на ракот. Сепак таа може да се користи за следење на ефикасноста на третманот за рак на дојка преку соодветни лекарства, како и преку хормонална терапија кај жени кои имаат проблеми да забременат.

Научниците велат дека направата може да се користи и во одредување на хормоните кај мажите со ризик од појава на рак на простата, како и кај жените со ризик од појава на рак на обвивката на матката. Овој инструмент се очекува да се појави на пазарот за околу пет години.

XS
SM
MD
LG