Линкови за пристапност

Американската јавност поделена за војната во Авганистан


Две неодамнешни испитувања на јавното мислење покажуваат комплексно гледиште на Американците спрема војната во Авганистан.

Анкета на Ју-Ес-Еј Тудеј и Галуп покажува дека 48 проценти од испитаниците ја поддржуваат идејата за испраќање дополнителни трупи во Авганистан, додека 45 проценти се против.

Слични резултати се добиени и од неодамнешната анкета на Универзитетот Квинипак од Конектикат, вели Питер Браун, еден од организаторите на ова испитување.

„Резултатите јасно покажуваат дека Американците се мошне поделени за тоа што се случува во Авганистан. Педесет и два процента од нив сметаат дека американскиот воен ангажман во оваа земја е правилна одлука. Но мнозинството од испитаниците додаваат дека се скептични оти трупите ќе успеат да ги спречат терористите да го користат Авганистан како своја база за изведување напади против САД“, изјави Браун.

Браун додава дека 55 проценти од анкетираните му веруваат на претседателот дека ќе донесе добра одлука за Авганистан, додека 81 процент довербата ја насочуваат на воените команданти.

Доколку претседателот одлучи да го зголеми бројот на војниците, како што препорачува армијата, тој ќе ја добие поддршката од републиканците. Лидерот на републиканците во Претставничкиот дом, конгресменот Џон Бонер вели:

„Очигледно дека целта што претседателот ја постави во март, дека Ал Каида и Талебан треба да се спречат Авганистан да го претворат во свое упориште, и натаму е на маса. Доколку тоа е случај, верувам дека моите републикански колеги ќе ја поддржат одлуката на претседателот.“

Од друга страна, каква и да е одлука за испраќање на дополнителни трупи во Авганистан, најверојатно ќе предизвика отпор кај некои демократи во Конгресот.

Ненси Пелоси, спикерот на Претставничкиот дом, вели дека ќе почека на одлуката.

„Претседателот има мошне претпазлив пристап кон оваа тешка одлука што треба да ја донесе. Кога ќе биде објавена таа одлука, кога ќе знаеме каков е неговиот план, тогаш ќе реагираме“, рече Пелоси.

Политичките аналитичари велат дека одлуката на Обама за тоа дали да испрати дополнителни американски трупи во Авганистан, има изгледи да биде пресвртница во неговото претседателствување.

Но, портпаролот на претседателот Роберт Гибс вели дека во залог е многу повеќе од мандатот на претседателот.

„Ова не е тест за само една личност, ова не е тест само за еден ентитет. Ова е тест за нашата земја да може соодветно и коректно да се осврне на екстремистичката закана што доаѓа од Авганистан и Пакистан. Заканата претседателот ја сфаќа сериозно и ќе го искористи своето време да донесе правилно решение“, рече Гибс.

Одлуката за стратегијата за војната во Авганистан, се очекува наскоро.

XS
SM
MD
LG