Анкетата врз речиси 1.000 возрасни Американци беше спроведена од странана две независни групи поборници за одржување на менталното здравје. Дејвид Шерн е директор на Mental Health America. Тој вели дека испитувањето јасно покажува дека за многумина, финансиските проблеми преминуваат во сериозни психолошки проблеми, дури и до помисли за самоубиство.
„Луѓето кои се невработени се со поголем ризик да добијат идеи да се повредат себе си, дури четири пати пати повеќе отколку оние кои се вработени. Но дури и вработените, кои биле принудени да направат промени во нивниот работен статус изминатава година, два пати повеќе покажуваат сериозни ментални пореметувања“, вели Шерн.
Шерн додава дека Американците кои биле приморани да ги намалат своите примања или да работат помалку часови, имаат пет пати поголеми шанси да добијат чувство на безнадежност постојано или одвреме навреме, споредено со поединците кои не ги искусиле тие промени.
Студијата наведува дека не е за изненадување што невработените Американци имаат шест пати поголеми шанси за проблеми при подмирувањето на секојдневните сметки, во споредба со вработените. Шерн додава дека токму овој факт креира друг проблем – 42 процента од невработените Американци велат дека превисоките трошоци или немањето здравствено осигурување се причините зошто тие не побарале професионална лекарска помош.
Мајкл Фицпатрик е извршен директор на Националната алијанса за ментално здравје. Тој вели дека неговата група е ко-спонзор на анкетата чија цел е воедно јавноста да знае дека и во проблематична економија, може да се најде лек за депресијата.
„Пораката е следна – депресијата може да се третира со комбинација на психијатриска терапија и антидепресанти. Според најнови истражувања, речиси 80 проценти од пациентите кои се подложени на третман, се чувствуваат подобро“, порачува Фицпатрик.
„Во преку 1.000 општини ширум САД, се организирани семинари на кои се нудат бесплатни прегледи за можна појава на депресија. Во нив учествуваат професионалци за ментално здравје и помагаат со давање на соодветни препораки. Во САД постојат 1.100 организации кои се подготвени да разговараат со луѓето со симптоми на депресија и со нивните семејства“, додава Фицпатрик.
Поборниците за ментално здравје веруваат дека иако се забележува тренд на подобрување на американската економија, ќе треба да мине подолго време за да дојде до намалување на нивото на невработеност. Во меѓувреме, велат експертите, мора да се обрне посебно внимание на потребите на милиони Американци со финансиски и ментални проблеми, зашто тоа ќе придонесе на поефикасно економско опоравување на земјата.