Американците Еленор Остром и Оливер Вилијамсон се добитници на Нобеловата награда за економија за 2009 година. Нивниот труд може да помогне во справувањето со климатските промени и глобалната рецесија.
Професорката Остром, која предава на Универзитетот Индијана се обиде да ги идентификува политичките, правните и економските правила кои би ја спречиле или би поттикнале ефикасна и оддржлива употреба на природните ресурси. Остром е првата жена – добитник на Нобелова награда за економија.
Вилијамсон, од Универзитетот Калифорнија, наградата ја доби за „теоријата за решавање на спорови во корпоративниот сектор“. Ова е студија за начините за формирање и развој на институциите и за тоа какво влијание имаат врз економскиот растеж. Многумина економисти се согласни дека неуспехот на политиката во корпорациите има свој удел во падот на економијата, што резултираше со глобална рецесија.