Линкови за пристапност

Реакции во САД по наградата за мир на Обама


Во САД реакциите по Нобеловата награда за мир што му е доделена на претседателот Барак Обама се мешани, а коментарите главно одат по партиска линија.

Поранешниот демократски претседател Џими Картер, кој во 2002 исто така беше лауреат, го пофали изборот како „силна порака" на поддршка за определеноста на Обама за мир во меѓународните односи.

Поранешниот демократски потпретседател Ал Гор, друг поранешен добитник на наградата за мир, победата на Обама ја нарече „исклучително заслужена" и чест за државата.

Републиканскиот сенатор Џон Мекејн, противникот на Обама за претседателска функција, понуди поддршка. Мекејн за СиЕнЕн изјави дека и покрај изненадувањето што го донела веста, Американците се „секогаш задоволни" кога на нивниот претседател му се оддава признание. Тој рече дека верува оти одлуката за наградата била делумно заснована на очекувањата.

Но, претседавачот на американската Републиканска партија кажа дека Обама не заслужил такво признание.

Мајкл Стил издаде соопштение во петок во кое вели дека „за жал, ѕвездената слава на претседателот" ги засенила оние кои постигнале вистински успеси кон мир и човекови права.


Некои конзервативни коментатори реагираа со зборовите дека Нобеловиот комитет се претворил себе си во шега и дека претседателот не направил доволно да ја заработи наградата.


Но, други Републиканци ја фатија страната на Мекејн, избирајќи да честитаат наместо да критикуваат. Републиканскиот гувернер од Минесота, Тим Поленти кажа дека „соодветна реакција е да се каже честито."

XS
SM
MD
LG