Линкови за пристапност

Милиони деца жртви на злоставување и експлоатација


Има 2,2 милијарди деца под возраст од 18 години и според УНИЦЕФ, неброени милиони страдаат од различни видови на злоупотреба.

Во извештајот, Фондот за деца при ОН вели дека има напредок во одредени области. Но, тој напредок е блед во споредба со лошиот третман и недостаток на заштита, на што се изложени многу деца.

УНИЦЕФ проценува дека повеќе од 70 милиони девојчиња и жени на возраст меѓу 15 и 49 години се жртви на осакатување на женски гениталии во 28 држави во Африка, плус Јемен. Иако ваквата пракса постои во многу земји, таа е во слабо опаѓање последниве 10-20 години.

Регистрирањето на новороденчиња е друга област каде има успех. Шефот на УНИЦЕФ за заштита на децата, Сузан Бисел, во телефонско интервју од Њујорк кажа дека тоа е прв и важен чекор кон заштита на децата: „Децата кои не се регистрираат најверојатно нема да бидат запишани во училиште и нема да имаат пристап до специјални програми за нив. На пример, може да станат жртви на трговијата со деца. Тие се невидливи за државните органи затоа што не се регистрирани дека постојат."

Стапувањето во брак на деца е уште еден показател за состојбата на децата. Колку помлади се девојчињата кога стапуваат во брак, толку поголема е можноста да биде загрозено нивното здравје, пред се со бременоста, како и здравјето на бебето, вели Бисел. „ Во еден неодамнешен случај во Јемен, 12 -годишно девојче почина за време на породување", вели таа.

Извештајот наведува дека една третина млади жени на возраст од 20 до 24 години во земјите во развој стапуваат во брак пред 18-годишна возраст, а половината од нив живеат во Јужна Азија.

УНИЦЕФ проценува дека глобално, 150 милиони деца, на возраст од 5 до 14 години се вклучени во принудна работа. Тоа се случува најмногу во суб-Сахарска Африка, каде повеќе од една третина од децата работат.

Извештајот посочува главно на земјите во развој како места во кои преовладува злоупотреба на децата, но такви случаи има и во побогатите земји. Неодамнешно истражување покажа дека најмалку четири проценти од децата во побогатите земји се физички злоставувани секоја година и едно на десет деца е занемарено или психолошки злоставувано. Во барем 80 проценти од случаите, тоа го прават родителите или оние кои се задолжени за нивна грижа.

XS
SM
MD
LG