Линкови за пристапност

Лавров: планот на Обама за противракетен штит не е закана за Русија


Шефот на руската дипломатија вели дека новиот план на американскиот претседател Барак Обама за противракетен одбранбен штит не претставува закана за Русија и создава предуслови за американско-руски дијалог.

Сергеј Лавров за време на посетата во украинскиот град Каркив во среда рече дека планот на поранешниот американски претседател Џорџ Буш за распоредување проектили-пресретнувачи во Полска и радарска станица во Чешка „недвосмислено создало ризик по руската безбедност“.

Тој рече дека планот на администрацијата на Обама не создава таков ризик туку „добри услови за дијалог“.

Претседателот Обама најави минатиот месец дека ќе го замени планот на администрацијата на Буш за противракетен штит со нов и пофлексибилен систем базиран на нови разузнавачки информации и технологија.

Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс вели дека со новата програма ќе се распоредат на вода пресретнувачки проектили до 2011-та и ќе се инсталира слична технологија на копно во јужна и централна Европа четири години подоцна.

XS
SM
MD
LG