Линкови за пристапност

Јавното мислење значајно во дебатата за здравство во САД


Секојдневно Американците се изложени на бројни телевизиски реклами за и против предлозите за реформи во здравствениот систем што Конгресот ги разгледува.

Борбата за спроведување на ваква реформа почна да личи на национална изборна кампања, со активисти, лобирана од корпорациите и работничките синдикати и будно следена преку испитувањата на јавното мислење.

Анкетите покажуваат дека изминативе месеци поддршката опаѓа за одредени клучни делови од реформите во здравството иницирани од претседателот Обама и демократите во Конгресот.

На пример, многумина либерални демократи долго време тврдеа дека треба да се креира систем за здравство поддржан од владата, како конкуренција на приватните осигурителни компании, за да се понуди здравствено покритие за милиони жители на САД кои не можат да си го дозволат.

Но, републиканците засега постигнаа одреден успех во покренување некои прашања што создаваат загриженост кај народот дека внесувањето на владина опција значи несакано мешање на владата во здравствената грижа.

Тим Џонсон е лекар по професија, но и новинар што го покрива здравството за телевизијата Еј-Би-Си. Џонсон беше дел од панелот стручњаци од медиумите и од областа на јавното мислење кои неодамна дискутираа на форум спонзориран од Универзитетот Харвард.

Тој кажа дека во ова општество има вкоренет страв од мешањето на владата во животот на граѓаните опозицијата тоа вешто го користи. Од друга страна, вели тој, ангажирани се и голем број повозрасни луѓе кои не сакаат промени, барем до одреден степен.

Претседателот Обама се обидува да ја разубеди јавноста дека федералната влада се залага за подобрување на системот за здравство во САД, а не за преземање на контролата врз него.

Политичкиот залог во дебата за реформи во здравството е огромен, како за претседателот, така и за демократите во Конгресот. Прашањето ќе се одрази на конгресните избори наредната година.

Политичките експерти велат дека борбата за реформи во здравството е уште потешка заради економската рецесија.

Кетлин Хол Џемисон е експерт за политика и јавно мислење на Универзитетот Пенсилванија. Таа вели дека американскиот народ во моментов не е алтруистички настроен. Народот се грижи за своите работни места, за семејствата и за сопствената економска сигурност, вели таа. „Во такви услови потешко е да се усвои нешто што би носело поголеми трошоци, отколку истото да се постигне во други услови“, вели Џемисон.

Поддржувачите на реформите сепак се надеваат дека ќе се постигне согласност по кончната верзија на предлог-законот за реформи во системот за здравство во САД, пред крајот на годинава.

XS
SM
MD
LG