Министрите за надворешни работи на Чешката Република, Унгарија, Полска и Словачка, познати како Вишеградска група, се согласија да ги поддржат земјите од Западниот Балкан во нивните аспирации за влез во ЕУи НАТО во наредните неколку години.
Унгарскиот министер за надворешни работи Питер Балац рече дека поддршката се однесува на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.
Хрватска веќе се очекува да се приклучи на Унијата до 2011 година, чекор што Балац и другите министри велат дека ќе му даде натамошен поттик на процесот на интеграција, а ќе значи и охрабрување на земјите- аспиранти за членство, да продолжат со реформите.
Шпанија и Белгија кои за време на 2010 ќе бидат на чело на ротирачкото претседателство на ЕУ, во Будимпешта соопштија дека и тие ќе ја поддржат интеграцијата на Западниот Балкан.
Министрите од Чешка, Унгарија, Словачка и Полска повикаа и на подобрување на односите со Србија, велејќи дека е постигнат значителен напредок во соработката на Србија со Хашкиот трибунал, што е клучен услов за нејзин влез во ЕУ.
Тие велат дека планираното олеснување на визните регулативи за жителите на Србија, Македонија и Црна Гора од јануари 2010, било значителен чекор кон приближување на овие земји кон Унијата.
Сепак, и натаму постои загриженост заради етничките тензии во регионот кои, според експертите, се пречка за целосна евро-атланска интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина.
Неделава европски и американски претставници ќе ја посетат Босна и Херцеговина во обид за надминување на политичкиот ќорсокак во оваа земја што ја спречува да стане дел од евро-атланското семејство.
Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт и американскиот државен потсекретар Џим Стајнберг в петок ќе се сретнат со официјални лица во Сараево со цел да го стимулираат политичкиот дијалог.
По војната меѓу 1992 и 1995 земјата беше поделена на Република Српска и босанско – хрватска федерација. Босанскиот министер за надворешни работи Свен Алкалај за Гласот на Америка изјави дека се надева оти САД и ЕУ ќе понудат совет за промена на уставот на земјата и за начинот на управување со земјата.
„Очекуваме дека заедничкиот предлог на САД и ЕУ ќе внесе промени во Босна, бидејќи она што сега се случува е заради несовршениот устав, каде можат да се најдат бројни блокади, механизми кои не дозволуваат непречено одвивање на процесот на донесување на одлуки. Верувам дека уставот на Босна треба да се смени за да се подобри, но мора да бидеме реални, не можеме да очекуваме револуцинерни промени“, вели Алкалај.
Токму затоа неколку делегати за време на состанокот во Будимпешта рекоа дека илјадниците трупи на НАТО и ЕУ треба да останат во проблематичниот регион уште некое време.