Линкови за пристапност

Обама со сoветниците разговара за Авганистан


Американскиот претседател Барак Обама со виши армиски и политички советници денес ќе одржи уште еден состанок за стратегијата во Авганистан, токму на осмата годишнина од армиската акција под раководство на САД.

Обама на иста тема во вторникот одржа 90-минутна средба со конгресни водачи од обете партии во Белата куќа. Виш владин претставник информираше дека претседателот ги уверил законодавците дека прегледот на политиката во Авганистан ќе биде темелен и сеопфатен, но дека ќе се дејствува со чувство за итност.

Американскиот командант во Авганистан, генералот Стенли Мекристал претходно предупреди дека САД би можеле да загубат во судирот доколку не бидат испратени засилувања. Се очекува тој да побара дополнителни 30.000 до 40.000 војници за борба против бунтовниците на Талебан.

Обама наводно е наклонет кон поскромно засилување. Републиканскиот сенатор Џон Мекејн, противкандидатот на Обама на претседателските избори 2008-ма, по вчерашната средба во Белата куќа изјави дека е загрижен дека претседателот ќе примени „половични мерки“ во натамошното водење на војната.
Мекејн смета дека поразувањето на Талебан е од супштинско значење за елиминирањето на терористичката мрежа на Ал-Каида. Други републикански законодавци, како на пример водачот на партиското малцинство во Сенатот Мич Меконел, бараат Обама да ги послуша препораките на армиските команданти.

Од друга страна, демократските пратеници се скептични околу распоредувањето на нови сили во Авганистан. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси вчера изјави дека најпрвин треба да се решат многу други прашања пред претседателот да реши како ќе постапи. Водачот на демократското мнозинство во Сенатот Хари Рид вели дека пратениците му порачале дека ќе го поддржат Обама, без оглед каква одлука ќе донесе.

Бројот на американски жртви во Авганистан нагло порасна последниве месеци како резултат на зголемениот број на војници во земјата и поагресивните операции против Талебан и други милитантни групи.

Најновите анкети на јавното мислење покажуваат дека поддршката за војната во Авганистан опаѓа со постојана стапка. Па сепак, секретарот за печат на белата куќа Роберт Гибс вчера изјави дека политиката нема да игра улога во конечната одлука на Обама.

XS
SM
MD
LG