Линкови за пристапност

Иран планира да инсталира современи центрифуги на нуклеарна постојка


Ирански државни новински агенции јавуваат дека иранскиот шеф за нуклеарни прашања Али Акбар Салехи обелоденил планови за инсталирање на усовршени центрифуги на новата нуклеарна постојка во близина на светиот шиитски град Ком.

Агенциите додаваат дека Салехи рекол оти Иран повеќе се фокусира на истражување и развој со цел „да произведува ефикасни машини, а не „да увезува делови“.

Државните новински агенции уште го цитираат Салехи кој вели дека Иран се надева во нуклеарната постојка да ја употреби „новата генерација на центрифуги“ – направи што збогатуваат ураниум.

Минатиот четврток, иранските преговарачи кои во Женева се сретнаа со претставници од шест светски сили, се согласија на меѓународните инспектори да им дозволат влез во нуклеарниот објект.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон во заедничкото интервју со секретарот за одбрана Роберт Гејтс за Си-Ен-Ен ги оцени минатонеделните разговори на светските сили со Иран како делумно успешни. Клинтон рече дека средбата резултирала во три договори што даваат време да се процени иранската определба за преговори. Според документите Иран треба да испрати ураниум во странство на процесирање, да дозволи инспекции на нуклеарните капацитети и да учествува на наредната средба подоцна месецов.

XS
SM
MD
LG