Линкови за пристапност

Свинскиот грип се шири рапидно низ северната хемисфера


Неделава во САД започна вакцинацијата против свинскиот грип. Според Светската здравствена организација, од појавата на вирусот Х1Н1во март, досега починале преку 4.000 лица. Свинскиот грип Ха-1 Ен-1 брзо се шири низ северната хемисфера, додека бројот на случаи во јужната започна да опаѓа. Х и Н се двата типа на протеини содржани во опасните вируси на грип.

Ден Руц од Американскиот центар за контрола на болести вели дека кај повеќето лица, свинскиот грип се јавува како благо заболување и дека ризикот од смрт е под два процента.

Па сепак, заболувањето може да биде смртоносно.

Бремените жени се особено изложени на ризик. Според Центарот за контрола на болести, најмалку 100 биле хоспитализирани, а најмалку дваесетина починале поради грипот. И младите се на удар. Грипот заврши трагично за две тинејџерки, една во Мериленд, друга во Тексас. Во последните недели, вообичаено здрави деца починаа од заразата. Ризикот од смрт од свинскиот грип не е поголем од оној од сезонскиот, но проблемот е што многу луѓе немаат имунитет на свинскиот, така што вирусот брзо се шири.

Иако на почетокот наречен свински, сега се чини дека тој не се пренесува преку овие животни.

„Во овој момент ова е болест на луѓето, не на свињите“, вели Ден Руц. Тој наведува дека здравствените власти веќе извесно време очекувале пандемија, но да дојде од Азија, а не Мексико.

„Птичјиот грип траеше подолго време. Сметавме дека вирусот ќе мутира, така што ќе се пренесува од човек на човек и ќе предизвика нова пандемија. Наместо тоа, се појави свинскиот грип“, раскажува Руц.

Повеќето кои добија птичји грип биле во контакт со заразени птици. Од 2003-та наваму имаше помалку од 500 случаи, но смртноста е 60 проценти, а поголемиот дел од жртвите се во Азија. Властите ревносно презедоа мерки на уништување на заразена живина, а вирусот не мутираше за да лесно се пренесува меѓу луѓето.

XS
SM
MD
LG