Резултатите од парламентарнтие избори во Грција покажуваат дека лидерот на социјалистите Јоргос Папандреу извојувал убедлива победа над актуелниот премиер Костас Караманлис.
Со речиси сите преброени гласови, партијата на Папандреу, ПАСОК, води со речиси 10 проценти над Новата демократска партија на премиерот Караманлис. Според резултатите од изборите во неделата, ПАСОК би имал 160 места во 300-члениот грчки парламент.
Папандреу вети изготвување на стимулативен пакет помош од 4,4 милијарди долари за обнова на националната економија. Сепак пред своите симпатизери истакна дека „нема да биде лесно“ и дека за економското закрепнување, ќе биде потребна „макотрпна работа“.
Американскиот претседател Барак Обама му ја честиташе победата на Папандреу.
Папандреу, кој е на чело на партијата ПАСОК, е роден во САД. Обама во неделата по телефон разговарал со него и му кажал дека со нетрпение очекува да соработува со новиот грчки лидер. Американскиот претседател испратил и честитки до сите Грци кои учествувале во гласањето.